» Артерија/Интервју

Фред Келемен
кинематографер .......................................................................................................................................................................

н: Мајстор на црно-белата тишина

пн: Германскиот кинематографер, Фред Келемен, добитник на „Златна камера 300“ на 32. ИФФК „Браќа Манаки“ годинава во Битола доаѓа како претседател на жирито за доделување на главната награда на Фестивалот

п1: Сите елементи во филмот се во интеракција и заемно си припаѓаат еден на друг, додека во живот ги држи едно срце - визијата

л1: Уште од почетокот филмот го сфатив како целина на сите кинематички елементи и кога филмот ќе почне да се раѓа во моите мисли, барајќи да биде реализиран, сето тоа го гледам како една целина

л2: Никогаш не сум се претставувал себеси како режисер ниту, пак, како кој било друг вид професионалец во одредена област, туку едноставно сакам да правам филмови и себеси се гледам како филмски уметник

Разговараше Тони Димков

Кинематичката визија на Фред Келемен освојува на прв поглед. Барем такво силно влијание имаат неговите кадри во филмовите што ги сними со унгарскиот режисер Бела Тар. Нивното последно заедничко дело „Коњот од Торино“ ги измести границите на филмската уметност, поставувајќи ги вистинските вредности на вистинското место. Што е потребно за упорно да се трага по совршениот израз - желба, љубов, талент? Прецизно, пластично и многу искрено, Келемен одговара на дел од овие, секогаш отворени, прашања.

Филмот „Коњот од Торино“ сè уште предизвикува фасцинација во киносалите. Какво чувство се појавува кај вас отпосле, кога работата е завршена, а сè уште пристигнуваат наградите за сработеното? Станува збор за моментално, но прекрасно чувство на тишина, длабока внатрешна радост затоа што вашата работа е призната од колегите, на пример, од членовите на жирито, како и од публиката. Но, наградите не се најважното нешто, најважен е чинот на креација.

Кои се Вашите методи на градење композиција на кадарот? Дали долгиот кадар значи само екстензија на дејство или, можеби, и на чувство?
Немам сопствен метод. Едноставно, се препуштам во полето на имагинацијата. Се обидувам да го видам целиот филм во моите мисли, сцена по сцена, пред да почнам со снимањето да го замислам толку прецизно како да станува збор за филм што веќе сум го гледал и, на некој начин, се обидувам да запомнам филм што сè уште не постои. Најмистериозниот и најважниот клуч за влез во срцевината на уметноста на филмот е релацијата меѓу времето и светлината. Работата со времето и со светлината, како и со нејзиниот составен дел - темнината, е со суштинско значење. Долгите кадри не го издолжуваат дејството, туку просторот во кој се случува дејството, како простор меѓу две ѕвезди или планети, времето ја исткајува заднината на која мотивите и облиците на моменталното присуство на одреденото физичко тело на актерите, објектите, животните, сенките, светлината и друго, се втиснати. Времето, исто така, ја исткајува тишината од која врескаат звуци, темнината од која избликнува светлост, смртта од која изникнува живот и во која на крајот сè се повлекува.

Филмот е комплексна уметност што вклучува голема филмска екипа. На кој начин комуницирате со режисерот и со актерите? Што очекувате од нив?
Имам многу едноставна комуникација со луѓето. Ништо специјално. И не очекувам нешто посебно, сосема доволно е да ни се совпаднат желбата и страста да креираме заедно, заемно да се почитуваме и поддржуваме, да создадеме атмосфера на доверба, широкоградост и искреност, со која невозможното и чудесното ќе станат реалност.

Филмската технологија напредува многу брзо. Дали имате омилена камера? Што повеќе сакате да користите за снимање во последно време - филмска лента или дигитален формат?
Повеќе ја сакам филмската лента од едноставна причина - таа е материјалот што има подобар квалитет. И сакам да снимам со филмска камера. Станува збор за механичка технологија која функционира перфектно, отпорна е на топлина и на студ, а фотохемискиот процес на експозиција на филмската лента, наместо креирање електронски датабази, е единствениот начин на впишување и одразување на светлината. Дигиталната камера е компјутер во кој се одвива процес на симулација на светлината. Внатрешната суштина на сликата, начинот на кој светлината се движи и се распростира, самиот оптички процес, „магијата“ на начинот со кој светлината се втиснува на материјалот во моментот кога ќе допре до неговата површина, сето тоа, и многу повеќе, резултира со уникатен и супериорен квалитет на филмската лента во однос на дигиталните записи. Прашањата за карактерот на материјалот се длабоко поврзани со метафизичките прашања. Ако ја изгубиме филмската лента, ќе изгубиме многу повеќе од обичен материјал за снимање, ќе ги изгубиме знаењето, имагинацијата, сопствениот пристап до светот, ќе го загубиме срцето на седмата уметност и, на некој начин, ќе ги изгубиме нашите очи, бидејќи ќе ја изгубиме светлината. Во денешно време седмата уметност тивко се откраднува од нас. Ние мораме да ја одбраниме. Доминацијата на економските прашања ги уништува сите други квалитети. Но, колку што е можно подолго треба да издржиме и да продолжиме со снимање на филмска лента. Има голема разлика меѓу вистински и лажен дијамант. Светлината се рефлектира на различен начин. Вистинскиот дијамант го прави тоа на брилијантен и многу побогат начин. Истите разлики постојат и во споредбата на материјал снимен на филмска лента и дигитално. Материјалот навистина е битен. Има голема разлика, на пример, меѓу скулптура направена од мермер и направена од пластика. Двата материјала можат да бидат соодветен избор за одредено уметничко дело. Но, сигурно нема да биде автентичен уметнички избор да се направи пластична копија на скулптура од мермер, а таа да изгледа како да е од мермер. Ќе мора да донесеме одлука дали сакаме да го добиеме вистинското или ќе прифатиме да бидеме задоволни со лажното. Колку што повеќе ги прифаќаме лажните вредности, толку повеќе ги трансформираме нашите животи и самите себе во лажни. Се губиме самите себе чекор по чекор. И одеднаш сè е изгубено. Дигиталната слика треба да изгледа како дигитална слика, а не како слика која речиси изгледа како да е направена на филм. Не смееме да трагаме по нешто што изгледа „речиси како“, туку треба да трагаме по нешто автентично, не треба да живееме „речиси“, во „речиси како“ свет, туку треба да живееме автентичен живот во вистинскиот свет. Тоа е потребно заради нашето човечко достоинство. Кога станува збор за прашањето на нашето достоинство, етичко прашање е да не ја употребуваме дигиталната технологија за да произведуваме слики што изгледаат речиси како филм, туку да пронајдеме нова естетика за дигиталните слики, и нов јазик, и нова форма, и нов начин на гледање и претставување на нештата. До овој момент „дигиталците“ (јас не ги нарекувам дигитални филмови, туку „дигиталци“, бидејќи се снимени дигитално, аналогно на „филмови“ што се снимени на филмска лента) само се обидуваат да изгледаат како филм.

На почетокот на кариерата се занимававте и со филозофија, религиски науки, музика, театар, сам ги режиравте своите филмови. Колку е битна севкупноста на сопственото знаење и искуство во создавањето уметнички проекти?
Единствени вистински, моќни и автентични извори за уметничко дејствување се личното искуство и магијата на инспирацијата. Другите уметности, особено сликањето и музиката, многу ми открија за уметноста на филмот. Филмот е визуелна уметност и постојано се менува со текот на времето. Постоењето на елементот време многу повеќе го доближува филмот до музиката отколку до книжевноста. Од филмот можете да ги извадите зборовите, звукот, музиката, приказната, актерите, но не можете да ја извадите сликата. Според мене, сликата е доминантниот елемент во филмот, јазикот е визуелен, сликата е кинематски свет и камерата го раскажува филмот, како што, на пример, четката го бојосува платното. Четката се движи. Навистина е важно на кој начин се движи. Исто така, важно е на кој начин се движи камерата. Движењето, танцувањето со светот што се наоѓа околу камерата, го создава кинематичкиот свет. Уште од почетокот филмот го сфатив како целина на сите кинематички елементи и кога филмот ќе почне да се раѓа во моите мисли, барајќи да биде реализиран, сето тоа го гледам како една целина. Кога ќе напишам сценарио, сликите веќе се тука, исто така, и движењето на камерата, и осветлувањето, целото расположение и атмосфера се тука. Никогаш не сум се претставувал себеси како режисер ниту, пак, како кој било друг вид професионалец во одредена област, туку едноставно сакам да правам филмови и себеси се гледам како филмски уметник. Не можам да ги одделам филмските елементи еден од друг. Филмот е организам. Сите елементи се во интеракција и заемно си припаѓаат еден на друг, додека во живот ги држи едно срце - визијата.

Какво е Вашето лично чувство - колку уметноста може да одговори на прашањето за смислата на човековиот живот? Во што ја пронаоѓате смислата на своето постоење?
Уметноста нема обврска да дава одговори, а може да поставува прашања, препорачливо е тоа да бидат вистинските. Одговорите треба да бидат дадени од секој од нас, во зависност од нашето животно искуство. Секој од нас е свесен дека еден ден ќе умре. Но, сè уште наутро стануваме од кревет, јадеме, пиеме, се вљубуваме, се грижиме за себе и за другите околу нас, се бориме секој ден, дури и создаваме многу нешта, создаваме деца кои ќе пораснат и еден ден и тие, како нас, ќе умрат. Дали сето тоа има некаква смисла? Еден ден ќе се изгубиме во бескрајната нишка на времето, но постојано се бориме не да го изгубиме, туку да добиеме повеќе време. Тоа време ни е потребно да создадеме убавина, да стекнеме знаење, да возвратиме на тоа што сме го добиле. Можеби сите ние сме дел од бесконечен синџир што нè поврзува со прапочетоците, од една страна, и со крајот на времето, од другата страна, и, можеби, ние сме алки што ќе бидат раскинати ако престанеме да се бориме. Сигурно е дека сме дел од една голема мистерија и, можеби, сме дел од креацијата на голема текстура во која секој од нас е важен, како во голем оркестар во кој секој инструмент има свое значење и ниту од еден глас ниту од еден инструмент не би можеле да се откажеме. Соочувајќи се со нашата смртност и кршливост, со нашата припадност на материјалниот свет, прашањето што се поставува и кое треба да го постават уметниците е - како да живееме достоинствен човечки живот, како да сакаме и како да создаваме смисла, или, како што напишал Ниче, како да ì дадеме живот на ѕвездата што танцува.

Ако Гус ван Сант постојано го истакнува влијанието што врз него го имал Бела Тар, чие влијание беше пресудно за Вашиот творечки развој?
Најголемо влијание во мојата работа имаат искуствата што сум ги стекнал во својот живот. Најважно е да знаете да ги гледате и да ги препознавате нештата со отворени очи, срце и ум. Да го заборавиме „киното“ и да се обидеме да бидеме први кои ќе бидат свесни за малите нешта во нашите животи и да се обидеме да допреме барем една нишка од вистинската убавина и тага од нашата кршлива физичка и духовна егзистенција во моменти кои, можеби, ни го отвораат патот кон вечноста со внимателен човечки однос, или со фрагмент од филмската уметност. .....................................................................................................................................................................