» Ексклузивно интервју

Ја одбрав Македонија за светската премиера на својот најнов филм
....................................................................................................................................................................... Одамна беше денот кога во светот наголемо одекна неговото име. С. Зонтаг го спореди со филмските величини како Алексдандар Сокуров и како Бела Тар. Малку ни се посвежи сеќавањата кога дојде по својата „Златна камера 300“ во 2011 година за „Коњот од Торино“ на ИФФК „Браќа Манаки“ – Битола за следната година да биде претседател на жирито на главната програма. Најновиот куриозитет што еден од најталентираните светски кинематографи го поврзува со Битола и со Македонија е неговото лично инсистирање светската премиера на филмот „Слатки“ да биде токму во нашата земја. Во ова кратко интервју, кое имавме чест да го добиеме први, откријте мали слатки вистини.

Емилија Петреска: Се гледате во огледало – што е она што го забележувате?
Фред Келемен: Променливиот изглед на моето битие на овој свет.

Емилија Петреска: Како би се претставиле себеси преку движечката слика?
Фред Келемен: Низ секоја слика што ја создавам се претставувам самиот себеси и го претставувам својот дух.

Емилија Петреска: Како влијаеше животот врз Вашата уметност?
Фред Келемен: Мојот живот влијае врз мојата уметност секој ден уште откако сум роден, како резултат на сето она што сум го искусил.

Емилија Петреска: Каде ги наоѓате мотивите?
Фред Келемен: Во своето срце и во своите мисли.

Емилија Петреска: Која е личноста во Вашиот живот што најмногу придонела да дојдете до она што сте денес?
Фред Келемен: Моите родители и моите предци. Не би бил овде да не беа тие.

Емилија Петреска: Колку е силна врската меѓу Вас и подвижните слики?
Фред Келемен: Колку што е силна врската меѓу мене и отчукувањето на моето срце.

Емилија Петреска: Што се пренесува преку кинематографијата?
Фред Келемен: Увид во животот и во човековото постоење во световите во кои живееме.

Емилија Петреска: Опишете ја кинематографијата денес.
Фред Келемен: Невозможно е да го направам тоа без најпрвин да бидам категоричен, а тоа веднаш ќе биде погрешно. Но, главно, ние би го изгубиле светлото во филмската уметност со губење на филмскиот материјал, а со тоа би ги изгубиле темнината и сенките. Ја губиме димензијата. Како што рекол сликарот Сезан: „Сè исчезнува, така што, ако сè уште сакаме да направиме нешто, мора да побрзаме“.

Емилија Петреска: Какво значење имаат за Вас познатите имиња со кои сте соработувале?
Фред Келемен: Познатите имиња воопшто не ми значат. Вистинската личност е тоа што е важно.

Емилија Петреска: Кога би работеле на филм во Македонија, што би сакале да вметнете во него?
Фред Келемен: Богатата изгубена еврејска култура и живот што некогаш постоеле и што биле уништени со убиството на еврејскиот народ за време на холокаустот. Првата слика од мојот филм би била неколкуминутна движечка снимка од старите еврејски гробишта во Битола.

Емилија Петреска: Зошто токму Македонија за светската премиера на Вашиот филм?
Фред Келемен: Поради мојата љубов кон фестивалот и кон сестрите Митевски.

Емилија Петреска: Кои се Вашите идни проекти?
Фред Келемен: Да се надоградам самиот како човечко суштество и како уметник. .....................................................................................................................................................................

26 август 2013 година
Емилија Петреска

Reper / Macedonia, 2013 September 1 / www.reper.net.mk